Таксират

Фестивал… тоа ти е африкански изум. Латините го патентирале, модерниот свет го прифатил, па и ние, како дел од глобалното село. И нашиот „ТАКСИРАТ“ ја потврдува дефиницијата од учебниците, и ние славиме… во име на музиката, за секого по нешто и во уникатна хармонија на различностите.

Првото издание на ТАКСИРАТ се одржа во 1999 година и од тогаш овој уникатен фестивал сè уште се одржува секоја година и сè уште има исклучително значајна улога во изградбата на „ново“ и подобро Скопје преку различни аспекти и пристапи на контра-културата. И покрај тоа што денес на сцената на Таксират настапуваат големи светски и регионални музички ѕвезди, фестивалот сè уште успева да не премине во класичен комерцијален меинстрим настан и успева да го задржи својот оригинален имиџ со тоа што сè уште е цврсто заснован на темелите од своите почетоци односно идеалите и вербата во значењето на контра-културата.

Таксират Фестивал создаден со намера да го изрази револтот и незадоволството од културниот живот и музичката сцена во Македонија во тоа време, започна како мал фестивал (300 – 400 посетители) кој промовираше популарни музички артисти и групи од просторите на поранешна Југославија. Имено, зборот „таксират“ е стар турски збор кој во превод значи „судбина“, и тоа најчесто во негативен контекст како „лоша среќа“,„ несреќа“…  Денес пак, Таксират е високо-професионален настан на кој гостуваат светски познати музички ѕвезди и настан кој привлекува повеќе од 10.000 посетители од целиот регион само за главната фестивалска вечер. Преку своето одржување фестивалот на уникатен и својствен начин нè научи и покажа дека ’лошото искуство’ (таксират ☺ ) секогаш има и свои добри страни – нè тера да размислиме што може да направиме за да ги подобриме нештата, да научиме нови нешта, да работиме и да споделуваме искуства и доживувања, бидејќи токму на тој начин, преку постојаниот развој и споделување (на идеи, искуства, достигнувања, добра) животот добива смисла, цел и значење…