PIN MUSIC Conference
Конференцијата се организира по урнекот на светските музички конференции – спој на предавања, панели и презентации; изложбен простор за презентирање на работата на младите активисти, музичари и музички оператори (и невладини и профитни организации – промотери, организатори на европски фестивали, агенти, менаџери, издавачи, дигитални дистрибутери, медиуми итн.). Со неверојатно богата програма, овој дводневен настан во фокусот ги става темите поврзани со музиката, музичката продукција, културните правци, алтернативната култура, медиумите и слични актуелни теми од музичката сцена. Главната цел на конференцијата е да внесе свежи идеи во македонската музичка и креативна индустрија, да поттикне промени и дијалог помеѓу сите засегнати страни, помеѓу оние кои сакаат да бидат дел од неа и оние кои знаат како функционира оваа индустрија во меѓународни рамки, да потпомогне размена на идеи и искуства, меѓусебно поврзување и соработка на луѓе кои работат и творат во полето на музиката и уметноста.
ПИН конференција во 2012 година стартуваше како прва меѓународна музичка конференција во Македонија. Целиот концепт на конференцијата е осмислен како посебен предизвик и придобивка пред сѐ за музичарите, кои ќе имаат прилика да поминат два дена заедно со дел од најголемите имиња од европската музичка индустрија и директно да бидат вклучени во дискусиите и актуелните теми за музичката уметност и индустрија денес. Овој собир на музичките работници од земјава, регионот и Европа е посветен на светските актуелни теми, локалните случувања и потреби во областа на музиката и културата, а ќе понуди различни дискусии кои ќе продрат длабоко во суштината на овие прашања.
ПИН конференцијата се одржува со интензивна панел-програма од најмалку 6 главни панел-дискусии и најмалку 10 предавања, презентации и работилници во т.н. „sPin“ програма, со повеќе од 300 гости-делегати и над 30 концерти.